Е. Пелистер и Вардар во ново ракометно македонско „Ел-класико“

Актуелниот ракометен шампион на Македонија, Е. Пелистер денеска на домашен терен ќе го пречека најтрофејниот Вардар во второто суперлигашко „Ел-класико“ во новата сезона во мак-ракометот.

Во претходните два натпревари сезонава, скопскиот тим двапати беше подобар, освојувајќи го Суперкупот на Македонија, но и славеше на првиот меч во Суперлигата одигран во СЦ „Јане Сандански“.

Двократниот европски шампион испрати барање до натпреварувачката комисија на Ракометната федерација за одложување на дерби натпреварот бидејќи неколку играчи отсуствуваат поради вироза.

„Поради новонастанатата здравстевана ситуација во клубот, РК Вардар испрати допис и информација до Натпреварувачката комисија на Ракометната федерација на Македонија и до РК Пелистер.

„Би сакале да Ве известиме дека во моментов, заклучно со денешниот последен тренинг на екипата, имаме 15-тина играчи и членови на Стручен штаб кои се зафатени од тешка вироза и не се во можност ниту да тренираат, ниту да играат натпревар.

Поради ова, би сакале да најдеме заедничко решение за оваа состојба која го зафати клубот, а се во интерес на регуларноста на Првенството, фер-плејот и спортското џентлменство. За поткрепа на се ова што го говориме во текот на утрешниот ден, ќе испратиме и медицински извештаи со кои што се потврдува горенаведеното.

Во овој момент, би сакале да побараме Официјално одложување на натпреварот од 8-коло Супер-лига мажи, помеѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Вардар 1961, се до пронаоѓање на следен датум којшто ќе одговара на двете екипи“, стои во соопштението.

Сепак, овој предлог не беше прифатен од големиот ривал, кој сака да се одигра овој меч во предвидениот термин.

Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлески“ во Битола е закажан со почеток во 18 часот.

Се вчитува...