Еурофарм Пелистер вечерва (20.45 часот) ќе го пречека европскиот вицешампион Киелце во обид битолчани конечно да стигнат до првите бодови во Лигата на Шампионите. Јасно е дека полскиот гигант ќе ја има улогата на фаворит, но битолчани бодрени од верните навивачи имаат право да се надеваат на чудо, особено по тренерската смена што се случи во текот на вчерашниот ден.
Новиот кормилар Бранче Ангеловски има пред себе сериозен предизвик, Киелце е исклучително силен и без повредените Алекс Душебајев и Сичко, но „пелистерци“ се надеваат на кревање на формата во однос на последните натпревари, зошто да не и чудо против Киелце.
„Немаме проблем со мотивацијата, ни доаѓа страшна екипа како Киелце, која со години игра во ист систем и која секогаш има за цел – пласман на „фајнал-фор“. Реков и пред почетокот на сезоната дека од четиринаесет натпревари, ние некого ќе изненадиме. Можеби баш овој натпревар со Киелце ќе биде тој. Без шеесет минути на високо ниво во Лигата на шампионите немате шанси. Видовме во Загреб, каде одиграме на високо ниво 40-45 минути. Ззнаеме дека ни фалат тие петнаесет минути, но лесно е тоа така да се каже. Треба да дадеме повеќе срце и емоции и да го надополниме недостатокот на квалитет“, изјави голманот Урбан Лесјак во пресрет на вечерашниот натпревар.
Еурофарм Пелистер моментно е последен на табелата без ниту еден освоен бод, додека Киелце моментно се наоѓа на шестата позиција со скромен скор од две победи, едно реми и два порази по првите пет рунди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА