E. Пелистер нема што да загуби против Пари Сен Жермен

Ракометниот шампион на Македонија, Е. Пелистер вечерва ќе му гостува на францускиот Пари Сен Жермен во вториот натпревар од новата сезона во европското елитно натпреварување, Лигата на шампионите.

Битолчани новата авантура во елитата ја почнаа со домашна победа против ППД Загреб, а вечерва во француската престолнина немаат што да загубат против големиот фаворит. Тенерот Гарабаја потенцираше дека екипата е подготвена за дуелот со фаворитот, но пред се мора да се фокусира на самата себе ако сака успех.

„Мораме да се фокусираме на самите себеси, за да напредуваме секојдневно. Треба да се фокусираме на добрите страни на ПСЖ и да го дадеме најдоброто од себе. Да се обидеме да бидеме ефективни и ништо да не му биде лесно на ривалот. ПСЖ има супер-тим, со супер-ракометари и одличен тренер. Добро е што играме со нив на почетокот на сезоната, бидејќи секојдневно ќе напредуваат. Во Париз нема да ги имаме нашите навивачи, нашиот осми играч, но сигурно ќе ја почувствуваме нивната поддршка“, вели Гарабаја.

Слично размислува и репрезентативниот голман Никола Митревски.

„Било каков и да е ПСЖ се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастеретени на гостински терен во Париз. Било која победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште отсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде – нека биде“, вели Митревски.

Натпреварот е закажан со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...