Е. Пелистер поднесе официјална жалба до ЕХФ за судењето на мечот со ПИК Сегед

Ракометарите на Е. Пелистер очигледно беа оштетени од судиите на натпреварот од 8. коло во Лигата на шампионите против ПИК Сегед на кој македонскиот шампион загуби со гол примен во последните секунди од мечот.

Незадоволни од судењето на дуелот, од РК Еурофарм Пелистер поднесоа официјална жалба до ЕХФ за судењето на дуелот против унгарскиот тим.

„РК Еурофарм Пелистер во склоп на својата транспарентна и отворена врска со своите приврзаници ја информира јавноста дека поднесе официјална жалба на арбитражата на француските судии Карим и Рауф Гасми на натпреварот од осмото коло од групата А на Лигата на шампионите против ПИК Сегед. Сметаме дека нашиот клуб не доби адекватен третман во текот на целиот натпревар, делењето на правдата не беше соодветно на степенот на натпреварувањето и одлуките на судиите директно влијаеја на конечниот резултат и финалниот исход. Клубот го искористи своето право да се обрати до Европската ракометна федерација (ЕХФ) и неговата судиска организација и да побара одговорност од делителите на правдата. Оваа жалба е одговорност кон нашите професионалци во клубот, армијата навивачи на Еурофарм Пелистер и македонскиот ракомет кој го претставуваме“ – се вели во соопштението од РК Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...