Македонскиот првак Е. Пелистер игра катастрофално во Лигата на Шампионите сезонава, со дванаесет порази на досегашните дванаесет натпревари во елитното европско натпреварување.
Тие денеска за противник ќе го имаат Алборг во последниот меч во елитата сезонава. Тренерот на битолчани Бранимир Ангеловски пред мечот вели дека обврска на играчите е на последниот меч да покажат зошто се дел од елитата.
„Обврска ни е на последниот домашен натпревар да покажеме најдобра игра против еден од можеби најдобрите екипи во нашата група. Тоа е наша желба, да ги израдуваме нашите навивачи, градот. Играме против екипа која доаѓа од еден европски, светски и олимписки шампион, со такви ѕвезди како Ландин, Хансен, и нови ѕвезди кои се во надоаѓање. Мислам дека навистина ќе треба да уживаме во овој меч, да дадеме сè од себе. Со мисла дека можеме и во иднина да бидеме дел од ова елитно натпреварување и со уште поголеми амбиции, се надевам наредна година со „вајлд-карта“. Ќе се бориме 60 минути да извлечеме што поповолен резултат. На првиот меч против Алборг бевме во грч и трема поради големите ѕвезди на теренот. Тоа е веќе минато, мислам дека овој натпревар во Битола ќе биде поинаков“, изјави тренерот на Е. Пелистер, Бранислав Ангеловски.
За натпреварот против данскиот гигант тренерот Бранислав Ангеловски не можеше да смета на словенечкиот бек Домен Тајник поради болест. Покрај тоа, од составот изостанаа Калифа Гедбан, Цветан Кузманоски и Павле Атанасијевиќ. Натпреварот кој ќе се игра во „Боро Чурлевски“ арената во Битола е со почеток во 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА