Ракометниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер го забележа и четвртиот пораз сезонава во Лигата на шампионите, откако вечерва загуби на гостувањето кај францускиот шампион Пари Сен Жермен со 31-26. Во поголемиот дел од мечот битолчани беа во егал со големиот фаворит, но сепак на крајот клучна беше разликата во квалитет.
Големиот фаворит тргна фуриозно. Реализираше во првите три напади и веднаш стигна до предност од 3-1. Битолчани возвратија со два гола во низа па успеаја во 5. минута да се вратат во егал 3-3. Во следниот период се играше гол за гол, па по десет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 5-5. По неколку минути без погодок, пелистерци со погодокот на Жарко Пешевски во 13. минута за првпат стигнаа до водство на овој натпревар (5-6).
Во следниот период и двата тима играа многу слабо во фазата на напад, па по 21. минута резултатот се уште беше израмнет 9-9 откако за гостите погоди Борзаш по што следеше првиот тајм-аут за Раул Гонзалез. По тајмаутот како да се освестија домашните ракометари па со серија од 4-1 во 25. минута стигнаа до највисоките плус три (13-10). До крајот на првиот дел домаќините успеаја да ја задржат предноста од три гола и на пауза да заминат со водство од 15-12.
Второто полувреме почна со погодок на Тајник со кој гостите намалија на 15-13. Следуваа два гола во низа за парижаните по кои домашниот тим стигна и до највисоките до тој момент плус четири 17-13. Урбан Лесјак беше одличен на голот на нашиот тим, а со погодокот на Цехте во 40. минута битолчани дојдоа на само гол негатива (20-19).
Следуваа неколку технички грешки на пелистерци, по кои домаќинот повторно се одлепи на плус четири со голот на Сипжак во 45. минута (23-19), по што двоецот Јовиќ/Шундовски мораше да побара нов тајм-аут. И по минутата пауза не успеаја битолчани да се консолидираат, па преку Гребиј ПСЖ стигна до највисоки плус пет (25-20).
Во финишот на мечот Андреас Нилсен под еден старт над Стејнс доби директен црвен картон, но ниту оваа одлука не влијаеше на конечниот резултат и триумф на домаќинот од 31-26.
Камил Сипжак со седум гола беше убедливо најдобриот поединец во побендичкиот тим, додека кај поразените Борзаш, Тајник и Пешевски постигнаа по пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА