Е. Пелистер со џиновска победа, за „Кота 1“ пред плејофот

Е. Пелистер забележа џиновска победа во 19. коло од Супер-лигата добивајќи го дерби дуелот против Алкалоид со 33-20. За разлика од претходните дуели, битолскиот состав овој пат лесно го надмина отпорот на скопскиот ривал, притоа забележувајќи победа со 13 разлика, со која се искачи на првата позиција на табелата.

„Зелено-белите“ го наметнаа ритамот уште од самиот старт на средбата. На крилја на одличната атмосфера во „Боро Чурлевски“ и голема поддршка од трибините на семафорот стоеше резултат 5-1. Гостите го надминаа почетниот шок, но Е. Пелистер ја задржа константноста, не го загуби ритамот во нападот па на полувремето замина со предност од 16-11.

Работите не се променија ниту во второто полувреме во кое се истакна и искусниот Митревски кој ја „спушти ролетната“ на голот, интервернирајќи вкупно 12 пати за дополнително зголемување на предноста. Битолчани реализираа контра напади, имаа и одличен проток на топката па во еден момент поведоа и со 25-14. Алкалоид овој пат немаше сили за сеназационален камбек па на крајот следеше мирен финиш за презначјана домашна победа.

Лидер на Е. Пелистер со 11 голови беше Кузмановски, осум постигна Радивојевиќ. Серафимов со осум гола беше лидер на Алкалоид, три постигна Ѓоргиев.

За Е. Пелистер ова е 17. победа во сезоната, исто колку што имаат и Алкалоид и Вардар, но поради подобрата гол разлика се искачува на првата позиција на табелата па доколку победат на сите преостанати средби до крај на Супер-лигата (на кои се фаворити) ќе влезат во плејофот како првопласирани, со еден бод предност пред ривалите за титула.

Се вчитува...