Ракометарите на Е. Пелистер славеа со 27-32 (15-16) на гостувањето против Тиквеш во првото коло од суперлигашкиот плеј-оф.
Иако битолчани играа без повредените Петар Атанасијевиќ и Нејц Цехте, а цели 50 минути и без Египќанецот Мамдух кој заработи директен црвен картон по само десет минути и ги поремети плановите на Раул Алонсо, сепак со подобра игра во вториот дел го скршија отпорот на домашните.
На полувреме беше 15-16 за актуелниот шампион, а потоа предводник до победата беше капитенот Филип Кузмановски, кој имаше осум гола во првите триесет минути, а на крај заврши со 12 погодоци.
На спротивната страна одлично издание имаше Игор Кривокапиќ, кој запиша десет погодоци зад своето име.
Во следното коло Е. Пелистер ќе гостува кај тимот на Охрид, додека Тиквеш ќе патува на тежок предизвик кај Алкалоид во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА