Е-спорт стана официјален спорт во Македонија

Агенцијата за млади и спорт го призна електронскиот спорт (Еспорт) за официјален спорт во државата. Директорот на АМС, Наумче Мојсоски,  му врачи „Решение за дејност спорт“ на претседателот на Македонската Еспорт Федерација (МЕСФ) и генерален секретар на Меѓународната Еспорт федерација, Бобан Тотовски.

За претседателот на Македонската Еспорт Федерација, Тотовски, овој чин претставува потврда на тоа дека земјава ги следи светските трендови.

„Кога во 2005-та година почнавме со мисијата за официјализација на Еспортот, искрено, не се надевавме дека ќе требаат 17 години. Во ниту еден момент не изгубивме надеж и мотивација да ја постигнеме целта, а тоа е да го официјализираме Еспортот како спорт“, вели Тотовски.

Според него, сега започнуваат вистинските предизвици за развој на македонскиот Еспорт.

МЕСФ е 66-та официјално призната Еспорт федерација глобално, имајќи предвид дека истовремено е и една од 10-те прво формирани еспорт федерации во светот. Еспорт или електронски спорт претставува компетитивно играње видео игри, каде што играчите со употреба на своите ментални и физички способности се натпреваруваат во виртуелна околина.

Популарноста на Еспортот постојано расте со натпреварите што ги организира МЕСФ, национални еспорт лиги и квалификациски турнири за светски и европски шампионати. За прв пат во историјата на Македонската Еспорт Федерација, изминатата година се закитивме со два златни медали и станавме европски и светски шампиони во CS:GO.

Македонската Еспорт Федерација е формирана 2009-та година и е членка на Меѓународната Еспорт Федерација и на Европската Еспорт Федерација. Досега наши учесници биле дел од 15 меѓународни првенства, а ова е нашето најголемо достигнување и исполнување на нашата цел.

Се вчитува...