Еден чекор до Келн – Вардар го „лови“ Кил за историја

Со еден гол предност од првиот меч и голема шанса сезонава да се круниса со втор настап на Ф4 во Келн, Вардар денеска (17 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Кил, во вториот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Актуелниот европски шампион во првиот меч го надигра германскиот гигант и во драматичниот финиш избори победа (28-29), прва за Вардар во славната „Шпаркасен Арена“.

Предноста од првиот дуел и домашниот терен им даваат големи шанси на „црвено-црните“ да ја крунисаат сезоната со втор пласман по ред на Ф4 турнирот во Келн и да се борат за одбрана на титулата. Сепак, Раул Гонзалес и неговите избраници во денешниот дуел влегуваат со разумна доза на претпазливост.

Завршено е само првото полувреме од овој дуел, второто ќе биде исто тешко како и првото. Мора да бидеме максимално фокусирани бидејќи ние повторно стартуваме речиси од нула“ – внимателен е Раул Гонзалез.

За шпанскиот стратег кој на крајот на сезоната Вардар ќе го замени со ПСЖ, ова ќе биде последен натпревар од Лигата на шампионите пред скопската публика. Причина повеќе да продолжи победничката серија на „црвено-црните“ кои сезонава немаат пораз на домашен терен. Или попрецизно, последен пат во натпреварите од ЛШ во СЦ „Јане Сандански“ пораз им нанесе друг германски тим – Рајн Некар Левен (26-29) во ноември 2016 година.

Во Кил се свесни дека денеска во Скопје ги чека пеколна атмосфера, но во германскиот ракометен гигант се надеваат дека и покрај поразот на домашен терен, тие сепак може да му застанат на патот на Вардар кон Келн.

Ќе биде навистина тешко во Скопје, но Кил издржал многу вакви битки“ – вели пикерот на Кил, Патрик Виенцек.

Германци се Германци, но Вардар е Вардар посебно пред својата публика. И двете екипи во денешнио дуел бркаат историска шанса. Вардар како актуелен шампион во своето второ учество на Ф4 во Келн може да стане првиот тим што ја одбранил титулата од воведувањето на Ф4 форматот во ЛШ. Во Кил пак бркаат рекордно седмо учество на Ф4 турнирот од ЛШ. Тројниот европски шампион лани за прв пат не стигна до Келн. Две елиминации во две години по ред веќе би биле сериозен удар за „зебрите“ и за тренерот Алфред Гисласон.

Се вчитува...