Творците на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, посветен на најголемото фудбалско име во македонската историја Дарко Панчев денеска во Универзитет Скопје одржаа прес-конференција на која го претставија документарецот кој официјална промоција ќе има во понеделник, 24. април, кога и ќе ја доживее светската премиера.
Бројни новинари, лица од спортот и пријатели на Дарко Панчев беа денеска на прес-конференцијата како најава за официјалната премиера на документарецот во понеделник (24. април) која ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. А, на премиерата во понеделник во Скопје ќе пристигнат и ѕвездите на балканскиот фудбал Дејан Савиќевиќ, актуелен претседател на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, потврда за пристигнување има и од српскиот селектор Драган Стојковиќ – Пикси, а ќе бидат присутни и Александар Стојановиќ – Дика, Слободан Маровиќ…
Документарнио филм, под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, е соорганизација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција. На прес-конференцијата, присуствуваше секако ѕвездата на филмот, Дарко Панчев, како и проф. д-р Аце Миленковски, ректор на Универзитетот Скопје (УТМС).
„Историјата ја пишуваат многу луѓе. Секој од нас напишал своја историја на свој начин. Овде сме собрани и почестен сум што седам пред вас, но и покрај мојот сосед и пријател Дарко Панчев. Приказната започна долги години, на улица „Пушкинова“ во Кисела Вода каде живеевме заедно и одевме заедно во училиштето „Кирил Пејчиновиќ“. Премногу сум среќен, горд и задоволен што сум овде и што имам прилика пак по долги години да се сретнам со Дарко Панчев и да си раскажеме работи за нашиот живот. Панчев е оној кој ја заслужува целата слава. Мора да бидеме горди што во Македонија имаме ваква ѕвезда, ваков патриот“ – истакна Миленковски.
„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Прогласен и за фудбалер на Македонија на 20. век, вистинска гордост на македонскиот спорт.
Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности меѓу кои и Рингов, Кочо Димитровски, Пикски, Савичевиќ, Белодедиќ…, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА