Еден е Интер – Бекам ќе мора да бара ново име за клубот

Многу е тешко да се води сериозен фудбалски проект, сега тоа на своја кожа го чувствува и Дејвид Бекам по најновиот проблем со кој се соочува англиската фудбалска легенда во обидот да го стартува проектот Интер Мајами. Само што, во меѓувреме ќе мора да бара и ново име за клубот, откако ја загуби правната битка со италијанскиот гигант Интер за користење на името.

Имено, гигантот од Милано се жалеше дека Интер Мајами е премногу сличен назив на Интер Милано, барајќи да се забрани употребата на ова име, со жалба до Американската Канцеларија за Заштита на Имиња и Патенти. Аргументите на Бекам беа дека низ светот постојат уште неколку клубови кои го носат името Интер (меѓу другите и Интер Запрешич во Хрватска), но тие не беа прифатени, па сега Англичанецот се најде во небрано.

„Италијанците ја добија важната битка. Убеден сум дека Интер Мајами ќе мора да го смени името пред воопшто да почне да се натпреварува“, напиша адвокатот од Мајами, Дејвид Винкер.

Ова е само уште една во низата пречи на кои Бекам наиде при реализацијата на овој проект. Тој едвај доби дозвола за изградба на привремен стадион, за чие земјиште мораше да плати „напумпани цени“, но и да се согласи на условот на градските власти да изгради средно училиште за да добие дозвола за градба.

Се вчитува...