Ненад Димитријевиќ повторно ја покажа сета своја кошаркарска генијалност откако македонскиот ас блесна во сиот свој сјај во мајсторката против Локомотив Кубањ, предводејќи го Уникс до победа од 92:87 и пласман во големото финале од ВТБ-лигата. Како што тоа беше случај и во ланскиот плејоф и во овосезонските дерби-дуели, македонскиот плејмејкер одигра најдобро кога беше најважно, покажува дека апсолутно заслужено е МВП на ова силно натпреварување.
Димитријевиќ го почна натпреварот со четири асистенции во првите неколку минути, а откако го разигра остатокот од тимот, нашиот ас почна и со реализации, погаѓајќи три тројки во првата четвртина. Дуелот беше максимално интересен, Уникс цело време имаше водство, но гостите не се откажуваа. На една минута до крајот Локомотив израмни на 83-83, а токму тогаш почна шоуто на Димитријевиќ. Македонскиот репрезентативец како вистински лидер ја презеде одговорноста, за триесетина секунди постигна седум поени во серија и му ја донесе големата победа на Уникс.
Бројките говорат најдобро, Нено Димитријевиќ со 31 поен, шест скока и шест асистенции беше најдобар поединец на теренот. Помош имаше и од Ерик Грин со 17 и Маркус Најт со 12 поени, кои заедно со Македонецот беа триото со двоцифрен ефект во оваа мајсторка.
Големото финале меѓу Уникс и ЦСКА Москва ќе се игра до четири победи, а предноста на домашниот терен ќе ја има тимот на Димитријевиќ кој беше прворангиран по регуларниот дел од сезоната.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА