Македонскиот број еден Столе Димитриевски вечерва во Гент на најдобар можен начин го одбележа пробивот на шестта позиција на листата македонски фудбалери со најголем број репрезентативни настапи во историјата.
Столе го запиша 83-от свој настап за националниот тим, останувајќи со „чиста мрежа“ и издвојувајќи се како еден од најдобрите наши фудбалери на теренот.
„Навистина тежок натпревар кога играте против една Белгија која одигра одлично во напад, но ние мислам, пак, дека одигравме перфектен натпревар во одбрана. Можеби можевме малку повеќе да се обидеме низ организација на игра да дојдеме и до победа преку некои контранапади, но сите треба да знаат дека навистина е тешко од прва зона да се пробиете во трета кога една селекција од ранг на Белгија ве притиска на тој начин. Затоа мислам дека пресуди нашата перфектна одбрана, за овој во секој случај, одличен резултат“ – истакна по мечот Димитриевски, осврнувајќи се и на дуелот со Казахстан кој сега следи.
„Од стартот на овие квалификации ние одиме на секој меч на победа. Така ќе биде и против Казахстан. Играме на домашен терен, веруваме со силна поддршка од публиката. Сега треба добро да се одмориме, да одиграме добро во понеделник против Казахстанците и да ја продолжиме битката за првото место во групата и пласман на Светско првенство“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

