Еден гол на Белингем доволен за триумф на Англија

Англија славеше со 1-0 над Србија во вториот меч од оваа група од ЕВРО 2024, откако „гордиот албион“ рано постигна гол, а потоа рутински ја одржуваше предноста до самиот крај. Ултра-офанзивната формација со Сака, Фоден, Белингем и Кејн не делуваше премногу опасно по противничкиот гол освен во првите петнаесетина минути, во кои Англичаните делуваа моќно против српските фудбалери, кои се чини со премногу респект кон ривалот влегоа во овој натпревар.

Токму во овој период Англија го постигна и единствениот погодок на мечот, кога Сака побегна од десната страна и нафрли, топката со многу среќа и чудно „ефе“ стигна до работ на петерецот каде на неа натрча Белингем, кој со глава ја смести во мрежата. Како што одминуваше времето така и српскиот состав се ослободување од притисокот на противникот, а „гордиот албион“ реши да го контролира темпото без посериозна офанзива.

Србите создадоа неколку полушанси, но не успеаја посериозно да го загрозат Пикфорд, додека на спротивната страна Кејн ја пропушти најубавата шанса за втор гол, кога од пет метри со глава стрелаше во гредата.

Англичаните го остварија планот стигнувајќи до трите бода, додека Србите со играта во поголемиот дел од натпреварот покажаа дека можат дапарираат и на најголемите фаворити, па избраниците на Стојковиќ сигурно  полни со самодоверба ќе влезат во следните две средби на шампионатот, против Словенија и Данска.

Се вчитува...