Тежок е голманскиот живот, дури и кога си величина како Џанлуиџи Буфон, кого еден „кикс“ може да го однесе во пензија порано од очекувањата. Имено, италијанскиот ветеран беше подготвен да потпише нов договор со ПСЖ, но големиот „кикс“ при вториот гол на Јунајтед на реваншот во Париз по се изгледа скапо ќе го чинни 41-годишниот ветеран.
Иако сите детали од новиот едногодишен договор веќе биле средени, сега управата на ПСЖ има сериозни сомнежи дали да го задржи Буфон, чија форма во следниот период е реално да се движи само во надолна линија. Француските медиуми тврдат дека вината за фијаското против Јунајтед на крајот ќе биде посочена кај ветераните, па покрај Буфон нов договор нема да добие ниту Дани Алвеш, кој на крајот од сезонава ќе си замине од „Паркот на принцовите“.
За Италијанецот ова речиси сигурно ќе биде и крај на кариерата во која како неостварен сон ќе му остане кревање на пехарот од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА