Засилувањето на позициите плејмејкер и бек-шутер беше приоритет на Олимпија Милано во текот на летово, откако италијанскиот првак најпрвин го ангажираше нашиот Ненад Димитријевиќ, а потоа ги доведе и Леандро Болмаро, Американецот Армони Брукс и на крајот и искусниот Фабиен Козер од Реал Мадрид.
Јасно беше дека некој од актуелниот играчки кадар ќе мора да си замине, па така денеска од Милано и официјално се збогуваше Маодо Ло. Плејмејкерот на германската репрезентација реши да замине во клуб каде би имал поголема минутажа, прифаќајќи ја понудата на Париз. Новиот евролигаш бараше плејмејкер со искуство од настапи во елитното натпреварување и се договори за двогодишна соработка со Ло, кој ќе ја дели минутажата со македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс.
Се очекува Милано во наредните денови да најде купец и за Шабаз Нејпир, кој не е дел од плановите на Еторе Месина, а неизвесна е и иднината на Шилдс, кој беше меѓу лидерите на тимот во последните сезони, но летово најавуваше дека е подготвен за нов предизвик во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА