Одбојкарската репрезентација на Македонија не успеа да слави и на вториот меч од квалификацискиот турнир во Скопје, губејќи од селекцијата на Турција со 1-3 во сетови. Одличниот втор сет беше премалку за да се изненади турскиот состав, кој покажа и искуство и квалитет, на крајот заслужено стигнувајќи до победата.
Првиот сет го отвори одбојкарската репрезентација на Турција, а гостите обезбедија предност од 2-5. Нашите момци не можеа да ја неутрализираат доминацијата на Турција, па гостите набрзина поведоа со девет поени разлика во своја корист. Во нашата репрезентација повторно имаше слаба концентрација и лош сервис, а Турците го искористија и рутински го добија првиот сет со 16-25.
Македонските „спартанци“ одлично го отворија вториот сет и рано поведоа со 8-5. По бледото издание во првиот дел, македонската репрезентација покажа квалитет и мотивација, па нашите храбри момци продолжија да ги „решетат“ одбојкарите на Турција, обезбедувајќи највисока разлика од 20-11. Ваквата предност успеавме да ја искористиме во наша полза, освојувајќи го вториот сет со резултат од 25-18, со што израмнивме на 1-1 во сетови.
„Лутите“ Турци третиот сет го отворија со неколку поени во низа. Македонија ја бараше неопходната концентрација, а тогаш кога се чинеше дека нашите момци влегуваат во потребниот победнички ритам, репрезентацијата на Турција го возврати ударот и обезбеди предност од високи 16-8. На моменти успевавме да се вратиме во игра, но силната Турција не даде никаква надеж за било каков пресврт на Македонските одбојкари. Со резултат од 18-25, третиот сет припадна на гостите кои обезбедија предност од 1=2.
Репрезентацијата на Турција сигурно влезе и во четвртиот сет, па за кратко време реализираше 6 поени разлика, и даде најава за уште една тешка борба низ која ќе поминат репрезентативците на Македонија. Лошиот прием и сервис на нашите играчи, донесе резултат од високи 8-18, за турските одбојкари да го добијат овој сет со конечни 12-25.
Македонија во рамките од вториот турнир, кој исто така ќе се игра во Скопје, повторно за ривали ќе ги има БиХ и Турција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА