Едерсон од денеска и официјално е нов член на Манчестер сити, откако Бенфика преку соопштение до јавноста потврди дека португалскиот гигант дал зелено светло за заминување на бразилскиот чувар на мрежата. Иако претходно се споменуваа и повисоки суми, висината на трансферот изнесува 40 милиони евра, со што Едерсон станува втор најскап голман во историјата, зад Џанлуиџи Буфон, кој го чинеше Јувентус 50 милиони евра при преселбата од Парма.
Интересно е што Бенфика ќе добие само 50% од овие пари, бидејќи при доведувањето на Едерсон од Рио Аве во 2015 година португалскиот гигант откупи само 50% од правата над овој фудбалер. Рио Аве задржа 30% и ќе заработи 12 милиони евра од овој трансфер на голманот, додека осум милиони ќе завршат на сметката на менаџерот Жорге Мендеш, кој при трансферот од Рио Аве во Бенфика не ја зеде вообичаената провизија, но задржа 20% од правата врз Бразилецот.
Едерсон е второто засилување на Манчестер сити летово, по ангажманот на Бернардо Силва од Монако. „Граѓаните“ во меѓувреме преговараат и со бекот на Монако, Бенџамин Менди, како и со дефанзивецот на Саутемптон, Вирџил ван Дајк.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА