Српскиот интернационалец, Еди Синадиновиќ пристигна во Куманово како големо засилување на бековската позиција, но 32-годишникот не успеа ни да дебитира за „сино-белиот“ состав. Плејмејкерот имаше отворен договор со кумановци, па по добивање на шанса за враќање во Естонија, го напушти македонскиот состав и се пресели во Калев од Талин.
„Дојдов во Куманово на отворен договор за да помогнам на клубот и да ја одржам формата се додека не добијам интернационален договор. За жал, не одиграв ни еден натпревар за тимот, а добив понуда во лига во која веќе имам настапено. Би сакал да се заблагодарам на претседателот Крстевски, спортскиот директор Спејко, тренерот Мирковски, и на играчите за максималната коректност и би сакал да им посакам среќа во сезоната“ – изјави за ЕКИПА, Еди Синадиновиќ.
Кумановци во период од месец дена одиграа само еден дуел, а денеска избраниците на Мирковски се враќаат на паркетот на двобој против Тиват во БИБЛ лигата, без Еди Синадиновиќ, но со Ненад Зивчевиќ и Кори Рејли-Рос, кој го засили тимот од редовите на Црн Дрим.
„Синадиновиќ со нас имаше отворен договор, доби прилика да се врати во Естонија и го стори истото. Не планираме да доведуваме нови играчи во следниот период, го имаме Рејли-Рос на бековската позиција, а и го чекаме и дебито на Зивчевиќ. Коронавирусот ни направи големи проблеми, сега чекаме да видиме во каква форма ќе се врати Цветковски, но одиме на победа против Тиват“ – изјави за ЕКИПА, Владимир Мирковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА