Една година по стравичната повреда – Мејсон оди во принудна пензија

Фудбалерот за врска на Хал, Рајан Мејсон  по повеќе од една година откако ја преживеа тешката повреда на главата принудно ја завршува кариерата. Мејсон се здоби со повредата на 23. јануари 2017 година во меч против Челси, а при воздушен дуел со Гери Кејхил се судрија со главите по што Мејсон падна во бесознание. По ударот Англичанецот веднаш беше пренесен во болница за да му го спасат животот.

И покрај напорите да се врати на фудбалските терени, по низа советувања од страна на невролози и неврохирурзи, Мејсон донесе одлука да не продолжи со кариерата.

„Многу се трудев и напорно работев со цел да можам повторно да го правам она што го сакам. Сепак, по неколку советувања од медицински експерти и лицата кои беа надлежни за моето опоравување, поради ризик од дополнителни компликации одлучив да ставам крај на фудбалската кариера“, истакна Мејсон.

26-годишниот фудбалер во Хал пристигна од редовите на Тотенхем летото 2016 година за сума од 15 милиони евра, за „тигрите“ одигра само 20 натпревари на кои два пати се запиша како стрелец и два пати како асистент, додека забележа и еден настап во дресот на англиската репрезентација.

 

Се вчитува...