Една лоша четвртина му пресуди на Пелистер за пораз од Војводина (ФОТО)

Кошаркарите на Пелистер го запишаа и вториот пораз во АБА 2 регионалната лига сезонава, овој пат во 3. коло од новосадска Војводина со 74-64, и тоа по само една лоша четвртина во мечот во кој рамноправно се носеа со српскиот тим.

„Пелистерци“ одлично го почнаа натпреварот целосно наметнувајќи позитивен ритам против фаворитот, па веќе во седмата минута од мечот дојдоа до предност од 20-7. Завршувајќи го првиот период од играта со 22-14, Пелистер и во втората четвртина одржуваше постојано водство од четири до шест поени разлика, за да замине на паузата со водство од 37-34.

Но, целосна промена на играта во третата четвртина која го одлучи победникот на натпреварот. Војводина третиот период од играта го доби со 26-11, по што за македонскиот тим беше тешко да се врати резултатски во последната четвртина и покрај тоа што се обидоа „пелистерци“ да дојдат повторно до пресврт.

Најефикасен во редовите на Пелистер беше Бернар со 16 поени, дополнети и со седум скока, Маслинко заврши со 13 поени и осум скока, а Планиниќ дополни со 12 поени. Во редовите на Војводина, се издвоија Вучетиќ со 13 поени, Ивошев со 11 поени и Савиќ со 10 постигнати поени.

 

Се вчитува...