Македонската репрезентација за кошаркари до 18 години не успеа да се пласира во финалето од Европското Првенство – Б дивизија, откако во вечерашното полуфинале нашите кошаркарски надежи убедливо загубија од Израел со резултат 6-786. „Црвено-жолтите“ три четвртини одлично му парираа на фаворитот, но се беше попусто поради катастрофалниот втор период во мечот, што Израелците го добија со 27-6 и си го визираа пласманот во големото финале. Без оглед на поразот, Македонија ќе има уште една шанса за влез во А дивизијата, во утрешното мало финале против селекцијата на Чешка.
Македонија одлично го отвори натпреварот, во првите четири минути погодивме три тројки и во целата прва четвртина го контролиравме резултатот. По најубедливите „плус седум“, четвртината ја завршивме со два поени предност (18-16), но тоа беше се што избраниците на Тони Симиќ успеаја да го сторат во ова полуфинале. Последната предност ја имавме во 12. Минута, кога со поените на Исајлоски поведовме со 21-18. Потоа следеше период од над шест минути без постигнат поен, а до крајот на четвртината Израелците направија неверојатна серија од 25-3 и на одмор заминаа со преубедливо водство (24-43).
Во преостанатите 20 минути можеше да се проследи израмнета кошарка, но силниот израелски состав знаеше како да ја сочува предноста. На четири минути до крајот успеавме да ја спуштиме разликата под десет поени, имавме два непрецизни шутеви при резултат 58-67, по што Израелците го приведоа мечот до крај и конечните 66-78.
Данаиловски со 16 и Митевски со 13 поени беа најефикасни во нашиот табор, додека Андреј Јакимовски реализираше осум поени, немајќи шутерски ден (3/13 од поле, 0/6 за тројка).
Македонија утре во мечот за третото место ќе се сретне со Чешка, која денеска убедливо загуби од Полска со резултат 76-58. Победникот од овој натпревар ќе стигне до бронзата на шампионатот, но што е уште поважно – до промоција во Дивизија А и догодина ќе биде дел од елитното друштво за оваа возрасна категорија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА