Еднаш и големиот Кил падна пред Вардар во Скопје. И остана и до ден денеска да се памети „чудото“ во „Кале“ на тој 1 декември 2002 година и најблескавиот меч на Стојан Петрушевски, единствениот македонски тренер што го победил Кил.
Не беше тоа тогаш дуел на актуелниот и на трикрантниот европски шампион што се борат за место во завршницата на Лигата на шампионите, како што е овој денеска меѓу Вардар и Кил. Беше тоа сензација на скромниот македонски шампион против ракометниот гигант кој во тоа време жареше и палеше низ Европа.
„Тоа тогаш беше потполно друга димензија. Да се победи Кил во тоа време беше повеќе од сензација. Нешто незамисливо. Со Кил игравме во групната фаза. Вардар на првиот меч во Кил загуби со 11 гола разлика, Кил веќе беше прв во групата и тоа гостување во Скопје за нив беше само рутина. Но, ете, се случи тоа „чудо“ во „Кале“. Го победивме Кил со 27-26. Во прв момент, ни сами не можевме да поверуваме во тоа, чувството беше неверојатно. Тоа е нешто што не се заборава никогаш, ни после толку години“ – со задоволство се присетува Стојан Петрушевски за оние славни мигови од пред 16 години.
Има и една интересна ангедота поврзана со тоа гостување на Кил во Скопје и со непланираниот пораз на гигантот во „Кале“…
„Тренер на Кил тогаш беше Нока Сердарушиќ, а до него на клупата беше Штафан Олсон, како што се сега во ПСЖ. Олсон тогаш се уште играше, но на тој меч беше повреден и остана на клупата. Се сеќавам, Сердарушиќ беше многу лут на играчите по поразот и после натпреварот за казна ги натера да трчаат по кејот на Вардар“ – се присетува Петрушевски на скопската казна за Кил во тоа време.
И, како човек кој со децении е дел од „црвено-црното“ семејство, посакува овие убави спомени со големиот Кил да добијат свое продолжение и во ова ново време.
„Се надевам дека повторно ќе го имаме тоа победничко чувство. Сега е друго време, друг однос на сили, но во ракометот Кил секогаш бил и ќе остане предизвик. Ќе биде интересен дуел. Кил е во добра форма, на почетокот на сезоната играа променливо, но сега ги посложија сите коцки и финишираат во полна сила. Играат брз, типично германски ракомет, имаат силен тим и одличен голмански танден. Невообичано за германските екипи, но мислам дека Гисласон против Вардар ќе игра одбрана 3-2-1, за да го затвори Циндриќ, да ги оддалечи бековите од голот и да ја спречи таа конекција со пивот. Ќе им даде повеќе простор на крилата затоа што има добри голмани кои ги бранат тие шутеви од крилните позиции“ – анализира некогашниот тренер на Вардар тогаш со додавка Ватростална.
Адут на Вардар во овој четвртфинален дуел со Кил, според Петрушевски ќе биде студиозноста на Раул Гонзалес и формата на Арпад Штербик.
„Ако нешто ми се допаѓа кај Раул, тогаш тоа е неговата добра анлиза и скенирање на секој противник. Претпоставувам дека ќе бара противигра за таа агресивна зона на Кил предводена од Виенцек. Можеби со Македа на десен бек кој е многу побрз и поподвижен од Криштопанс. Мислам дека Вардар ќе настојува со одбрана 5-1 да ги разбие добрите шутери на Кил од бековските позиции. Така што, очекувам да гледаме судир на одбрани 5-1 со 3-2-1 и многу тактичко надмудрување. Вардар е веќе искусна и зраела екипа и нема ништо да остави на случајот“ – вели Петрушевски.
Но, смета дека клучот за Келн во овој дуел, сепак ќе биде кај голманите.
„И Штербик и Ландин се голмани што прават разлика и се во одлична форма. Ако Штребик биде во свој елемент, тогаш тоа е решена работа!“
Можеби веќе уште вечерва во Кил, а ако не тогаш на реваншот на 29 април во Скопје. Еднаш се случи чудо во „Кале“, сега се чека второто во „Јане Санднаски“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА