Едно добро полувреме е недоволно за сензација против Романија

Женската ракометна репрезентација на Македонија го заврши својот настап на Европското првенство, откако во полседното 3. коло од групата Ц загуби од Романија со 23-31. Едно одлично полувреме во кое имавме негатива од само еден гол (12-13) не беше доволно нашите ракометарки да стигнат до сензација со која ќе обезбедат втора фаза на ЕП.

Во втората минута од натпреварот Јована Саздовска лошо доскокна по еден дуел со противничка ракометарка по кој заработи повреда поради која мораше да го напушти тренот.

Првиот погодок како и на претходните мечеви беше дело на противникот, па Кристина Неагу со својот прв гол во 3. минута донесе водство од 0-1 за Романија. Замената на Саздовска на десно крило, младата Ризоска го запиша својот прв погодок на големите натпреварувања, а прв за Македонија на мечот со кој во 4. минута израмни на 1-1. Повторно слабата реализација на најискусните во нападот беше наш најголем проблем, па по осум минути игра Романија за првпат стигна и до плус два (1-3).

Следуваа два погодока во низа за нашите девојки, па по 12 минути игра успеавме пак да дојдеме во егал (3-3). Во следниот период се играше гол за гол, па по петнаесет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше 6-6. Најдобриот момент во натпреварот се случи во 17. минута кога „цепелинот“ на Маџовска и Ристовска резултираше со седми гол за Македонија (7-7). На едната страна Неагу сама играше против нас која постигна шест од осумте гола на својата репрезентација, а од друга страна нашите девојки со тимска игра успеваа да останат во егал (8-8). Неколкуте погодени стативи и промашени зицери доведоа до тоа во 22. минута Романките за првпат да стигнат до три гола позитива (8-11), по кои селекторот Љубомир Савевски беше приморан да го повика првиот тајм-аут на натпреварот.

Играта во одбрана продолжи да биде наш препознатлив знак на овој шампионат, па на четири и пол минути до крајот на првото полувреме повторно стигнавме на само минус еден (11-12), по кои и селекторот на Романија се одлучи да го побара својот прв тајм-аут. До крајот на првиот дел Романките успеаја да ја задржат предноста и на пауза да заминат со позитива од 12-13.

Како и во првиот дел така и на стартот на второто полувреме дирекот беше сојузник на романските голмани, па во 34. минута Романките повторно стигнаа до највисоките плус три (12-15). Следеше нов промашен зицер на Саздовска по кој Романија за првпат зголеми на четири гола разлика (12-16). Првиот погодок за Македонија во продолжението го постигна пикерот Дабевска (13-16). Многуте грешки во нападот беа нашиот најголем проблем, а тоа на најдобар начин го искористија гостинките кои во 47. минута за првпат стигнаа и до плус шест 17-23.

До крајот Романките го исконтролираа мечот за конечен триумф од 23-31. Сања Дабевска со седум погодоци беше најпрецизна во нашиот табор, додека Маџовска заврши со шест гола. Кај Романките неприкосновена беше Кристина Неагу со десет гола. Романија со овој триумф продолжува во главната групна фаза, додека шампионатот заврши за избраничките на Љубомир Савевски.

Се вчитува...