Ракометниот вицешампион на Македонија Еурофарм Пелистер го одигра можеби најдобриот натпревар сезонава во Лигата на шампионите, но и тоа не беше доволно за ништо повеќе од минимален пораз од полскиот Кјелце (21-24). Одличното второ полувреме не беше доволно за пелистерци, бидејќи не успеаја да ја анулираат црната серија од почетокот на првото полувреме во кое во 18 минути постигнаа само два гола.
Натпреварот почна со два брзи гола на гостинскиот тим, а првиот погодок за пелистерци го постигна Борзаш во 3. минута кога намали на 1-2. Откако неколку минути се играше гол за гол, Полјаците во осмата минута за прпват стигнаа и до плус три (2-5). Пелистерци повторно многу промашуваа, а по двет исклучувања во низа кои ги добија, во 11. минута Кјелце поведе и со пет гола (2-7), по што следеше првиот тајм-аут на Бранко Ангеловски. Битолчани единаесет минути беа без поситгнат погодок, а поранешниот вардарец Карачиќ во 17. минута донесе и плус седум за својот тим (2-9), а по провокациите кон битолската публика доби и две минути исклучување. Црниот период од 12 минути без постигнат погодок, го прекина Жарко Пешевски со својот втор гол во 19. минута кој намали 3-9.
Голот на Пешевски беше единствената светла точка на домаќините во продолжението, каде Кјелце стигна и до плус осум (3-11) во 22. минута, по што Ангеловски мораше да го побара и својот втор тајмаут. По минутата пауза пелистерци се решија за игра седум на шест која вроди со плод. Пелистер преку Радивојевиќ првпат врза два гола во низа, па успеа во 25. минута да дојде на минус шест (5-11). До крајот на првиот дел гостите ја задржаа предноста од шест погодоци и на пауза заминаа со предност од 8-14.
Домаќините на крилата на Урбан Лесјак кој беше неверојатен на голот по 12 минути игра во второто полувреме успеа да стигне на само минус два (14-16). Продолжија серијата грешки на гостите, поради кои заработија две исклучувања, а сето тоа избраниците на Бранко Ангеловски го искористија на најдобар можен начин за со голот на Богдан Радивојевиќ да стигнат на само минус еден (15-16).
Во 54. минута домаќините повторно стигнаа на само минус еден 19-20, но гостите постигнаа погодок преку Оленичак за 19-21, а две минути доби Цехте. Исклучување заработи и Василјев, но и покрај тоа домаќините успеваа да ја задржат негативата од еден гол, а мечот во последните две минути да влезе резултат 21-22. Следеа два гола на избраниците на Талан Дујшебаев кои го решија победникот (21-24).
Богдан Радивојевиќ со шест гола беше најефикасен во таборот на поразените, додека кај победникот Микал Олејничак заврши со пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА