Едно правило во Англија го иритира Пеп Гвардиола

Манчестер Сити се пласираше во уште едно финале откако го совлада Њукасл Јунајтед во двомечот во Лига купот на Англија. „Граѓаните“ за титула ќе се борат против Арсенал, а тренерот Пеп Гвардиола има голема замерка за правилата во првенството бидејќи не може да смета на новото засилување Марк Гехи.

Дефанзивецот дојде од Кристал Палас меѓу двете полуфинални средби со Њукасл, не можеше да настапи ниту на синоќешниот реванш, а според правилата во Англија тој нема да може да биде во тимот ниту за финалето со „топчиите“.

„Марк не можеше да игра во вториот меч бидејќи не играше во првиот, а Антоан кој дојде пред првиот меч можеше да игра. Сега говориме за финале. Зошто да не може да игра?“, прашува Гвардиола.

„Зошто? Тој е наш играч, ние му даваме плата, го вработивме како наш играч, зошто да не може да игра во финалето?

Правилата за купување на играчи не зависат од мене. Зависат од ФИФА, УЕФА, Премиерлигата која вели дека преодниот рок е отворен, можете да доведете засилување. Тој треба да може да игра, нели?

Која е логиката на натпреварувањето? Разбирам зошто не можеше да игра денеска, но во финалето? За два месеца? Нормално дека ќе побараме да игра, бидејќи тоа е чиста логика. Дали ќе се направи исклучок, ќе се променат правилата. Во оваа држава тоа е многу тешко, но ние ќе се обидеме“.

Се вчитува...