ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски
За вардарки ова е четврти фајналфор во ЛШ по ред, за Ирина Дибирова прв во тренерска улога на клупата на македонскиот шампион. Некогашната руска репрезентативка и освојувачка на две титули во Лигата на шампионите, сега е во историска можност да биде прва што освоила титула во ЛШ и како играч и како тренер, доколку Вардар конечно стигне и до долгопосакуваниот подиум во Будимпешта.
Ирина Дибирова има можност и од еден друг аспект да се запише во историјата на светскиот ракомет. Впрочем, да се запишат заедно со нејзиниот сопруг, крилото на Вардар, Тимур Дибиров. Тие се единствемиот брачен пар што годинава игра и на машкиот и на женскиот Ф4 во Лигата на шампионите. И имаат единствена шанса во семејството да донесат две шампионски титули во една сезона, едната од Будимпешта, другата малку подоцна од од Келн.
„Тоа е голема желба. Дај Боже да биде така“ – со насмевка посака Ирина Дибирова.
Дибирова е претпазлива во најавите пред утрешното полуфинале и смета дека сите четирите екипи се со подеднакви шанси во борбата за титулата.
„Ние сме подготвени, не може да биде поинаку. Трениравме напорно и подготвени го очекуваме утрешното полуфинале со ЧСМ Букурешт. Очекуваме интересен натпревар утре. ЧСМ Букурешт е екипа која има одлични играчи на сите позиции, имаат добар тренер и сигурна сум дека утре ќе биде интересно. Сите три екипи се многу силни, без разлика со кого играш, конкуренцијата е таа“ – истакнува Ирина Дибирова.
Во пресрет на утрешното полуфинале со актуелниот европски шампион, таа посакува добра тимска игра и што помалку грешки.
„Посакувам утре да одиграме добро како тим и техничките грешки да ги сведеме на минимум. Сите знаеме што значи овој меч и треба да одиграме силно“ – вели тренерот на Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА