Охридското езеро уште еднаш, празнично вчера, преку „Едриличарскиот Куп Охрид 2017“, беше разубавено со своите „бели украси“, како што охриѓани ги нарекуваат едрилиците.
На регатата учествуваа 16 екипажи (за првпат и еден женски екипаж) од Охрид и од Скопје, дел и со интернационални постави, кои испратија уште еден повик за конечно вистинско заживување на овој спорт кој е со толга традиција во нашиот најголем туристички центар, а кој неправедно изминативе години е оставен на маргините и од Градот и од државата.
„Нашата тенденција е овој куп да прерасне во манифестација препознатлива за градот Охрид и наутичкиот туризам. Жалосно е што го имаме најнеискористениот спортски терен во Македонија – Охридското Езеро, оставен само на ентузијазмот на поединци кои долги години осамено се бориме да ги зачуваме спортовите на вода на нашата спортска сцена“ – вели Стевчо Ставрев, од организацискиот одбор на “Ohrid sailing cup 2017”.
За Ставрев е крајно позитивно што последнава година бројот на едрилици на Охридското езеро повторно расте, регистрирани се повеќе од 30 вакви пловни објекти, но огромен проблем е што Охрид и по двеипол децении постојани политички ветувања се уште нема своја марина.
„Немаме простор за соодветно чување на пловните објекти. Сите во Охрид се снаоѓаме кој како знае и умее, а иста е ситуацијата и во Струга. Потребна е навистина далеку поголема поддршка и од градот и од државата, посебно и околу делот на инфраструктурата, затоа што овој спорт може и тоа како, од разни аспекти, многу да ни возврати на сите нас“ – дополнува Ставрев, кој е и сопственик на еден од најдобрите клубови за спортови на вода во Македонија, „Акватика“ од Охрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА