Едвардс: Интензивната одбрана може да донесе триумф на Пелистер во Сомбор

ЕКИПА во Сомбор,

Стеван Цаневски

Кошаркарите на Пелистер го одработеа тренингот во Сомбор во пресрет на утрешното гостување против екипата на Џокер. Несреќниот пораз на минатиот меч на домашен терен со истиот ривал ги остави „пелистерци“ во незгодна ситуација, да мора да слават во Сомбор за да си ги зголемат шансите за следната фаза од АБА2 лигата. Задачата не е нималку лесна, но во таборот на битолскиот клуб се оптимисти дека ќе успеат да му се реваншираат на Џокер запоразот на домашен терен.

Лоша вест е што тренерот Петровиќ повторно во тимот ќе го нема Андрија Бојиќ, кој се уште не е фит по повредата заработена пред повеќе од еден месец, но сите останати играчи се здрави и решени да стигнат до позитивен резултат во Сомбор.

„Знаеме што е потребно да славиме на овој натпревар. Работевме напорно, трениравме и подготвени сме да дадеме се од себе за посакуваниот резултат. Клучно ќе биде да се одигра интензивно во одбраната, физички да одговориме на нивната игра, да го затвориме просторот во рекетот. Скокот треба да ни биде на повисоко ниво, верувам дека имаме она што е потребно за да се радуваме на крајот“, изјави Мајк Едвардс, центарот на Пелистер.

Натпреварот меѓу Џокер и Пелистер на програмата е утре со почеток во 18 часот.

Се вчитува...