Анадолу Ефес денеска и официјално потпиша договор со Чарлс Синглтон, откако 33-годишниот крилен кошаркар се согласи на соработка до крајот на сезонава.
Американецот ги мина последните три сезони во дресот на Ефес, но минатото лето не се договори за продолжување на соработката, по што остана без клуб се до денеска. Турскиот гигант го искористи тоа и експресно ги договори условите за трансферот на играчот кој е добро запознаен со тактичките замисли на тренерот Атаман. Синглтон беше дел од тимот што ги освои титулите во Евролигата во претходните две сезони и се очекува да има улога на резерва, со минутажа од околу десет минути по натпревар.
Доаѓањето на овој кошаркар ќе значи и заминување на Ахиле Полонара, кој не ги исполни очекувањата на тренерот Атаман и ќе добие зелено светло за трансфер. Иако беше блиску до потпис со Црвена Звезда, Полонара на крајот сепак ќе се врати во татковината и ќе му се приклучи на тимот на Виртус Болоња.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА