Анадолу Ефес пропушти можност за прв историски пласман на фајналфор турнирите во Евролигата, откако турскиот гигант загуби на клучниот меч на домашен терен од Олимпијакос со убедливи 62-74. По предноста од 2-1, евентуалната победа ќе значеше и учество на Ф4 за тимот на Перасовиќ, но „сино-белите“ потфрлија кога беше најважно, одиграа катастрофално во последната четвртина, па сега ќе мора на пеколниот терен во Атина да бараат изненадување какво што направија во вториот меч од оваа серија.
Мотивирани од шансата што им се укажа на овој меч, домашните кошаркари стартуваа фуриозно, па по само пет минути игра резултатот гласеше 18-6 за ЕФес. Олимпијакос конечно се стабилизираше, првата четвртина заврши со резултат 21-14, а гостите од Грција во вториот период дополнително ја намалија предноста на противникот.
Како пресудна се покажа последната четвртина,во која одбраната на Олимпијакос функционираше совршено. Домашните кошаркари во првите седум минути од овој период постигнаа само три поени, а гостите успеаја целосно да се одлепат и да избегнат елиминација, изборувајќи се за мајсторка што следната седмица ќе се игра во Атина.
Спанулис со 18 поени беше најзаслужен за овој огромен „брејк“ на Олимпијакос, Принтезис постигна 11, а Грин 10 поени за победничката екипа, додека Грејнџер со 17 поени беше единствениот играч со двоцифрен ефект кај Ефес.
Само за потсетување, подобриот од овој четвртфинален дуел во полуфиналето од Ф4 ќе го предизвика европскиот првак ЦСКА Москва, додека во втората полуфинална пресметка Фенербахче ќе се сретне со Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА