Марко Баковиќ вчера официјално си замина од редовите на МЗТ Скопје и веднаш потпиша за Задар, со што почнаа да се реализираат најавите за заминување на дел од играчите од таборот на македонскиот првак.
Причината е јасна, МЗТ повторно влезе со нереален буџет над сопствените можности во сезоната, а по катастрофалните резултати и елиминацијата од АБА2 лигата (гласно се најавуваше влез во АБА1, а се испадна уште во првата фаза) сега ќе се настојува да се кратат трошоците. Процесот се забрза откако стана јасно дека и со наплатата на ваучерот не можат да се покријат старите долгови, па Баковиќ прв повлече нога, а се очекува по негови стапки да тргнат уште неколку кошаркари од актуелниот ростер.
Следен низ излезната врата се очекува да биде плејмејкерот Брендон Слај, американскиот кошаркар кој дојде како големо засилување во Аеродром. Иако имаше неколку одлични партии, Слај промаши клучни шутеви при важни натпревари во домашното првенство и во АБА2. Станува збор за квалитетен играч што е ценет на кошаркарскиот пазар, тој веќе има добиено неколку понуди и се очекува во најскоро време исто како и Баковиќ, најпрвин спогодбено да ја прекине соработката со МЗТ, а потоа и да потпише во нова средина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

