Егзодусот продолжува: Самет Јигитоглу си замина од МЗТ Скопје

Егзодусот на кошаркари од МЗТ Скопје продолжува и денеска, а Адем Мекиќ нема да е единствениот играч кој си заминува од таборот на аеродромци. Самет Јигитоглу повеќе не е член на актуелниот првак на Македонија, откако турскиот центар доби раскин на договорот со „металците“.

Јигитоглу беше убедливо најперспективниот кошаркар во овој ростер на МЗТ Скопје, кој бележеше напредок на секој натпревар под водство на поранешниот тренер Александар Петровиќ. Скаути од НБА-лигата доаѓаа во Скопје и имаа состаноци со раководството на МЗТ Скопје, аеродромци можеа и добро да заработат од неговиот нареден трансфер, но работата на управата на чело со неспособниот директор ја утна во самиот почеток.

Имено, наместо во старт да биде потпишан долгорочен договор со овој кошаркар, со можност за негова продажба и заработка во иднина, управата на МЗТ остави простор тој да си замине веќе во јануари, откако му даде шанса да настапува во АБА-лигата и со самото тоа да си ја крене својата цена на пазарот.

За очекување е „металците“ во наредните денови да потпишат нов кошаркар на центарската позиција, но работата со Јигитоглу е уште едно големо промашување на управата, која пропушти можност да заработи од еден кошаркар, наместо само да ги троши парите обезбедени од ваучерот и од општинскиот буџет.

Се вчитува...