Во таборот на Партизан владее големо разочарување по синоќешниот пораз од Реал Мадрид што значеше и целосен пресврт во серијата со која „кралевите“ го освоија последниот билет за фајналфор турнирот од Евролигата што ќе се игра во Каунас.
„Црно-белите“ имаат за што да жалат бидејќи поведоа со 2-0 со двете победи во Мадрид, но како клучен се покажа инцидентот во финишот од тој втор меч, по кој следеа суспензии на Пантер и Лесор кои донесоа пресврт во серијата.
„Нема што да се каже… Имавме предност, знаевме дека Реал е тим способен за нечисти игри и така одат тие работи… Многу сме разочарани. Сите знаат дека Партизан заслужи да оди на овој фајналфор. Многу работи се променија откако бев фрлен на паркетот во овој втор меч, дефинитивно. Јас играв повреден на последните средби, а имавме и двајца суспендирани кошаркари за инцидент што го почна противникот“, разочаран беше Данте Егзум.
Австралискиот кошаркар беше брутално удрен од земја од страна на Јабуселе, за што никогаш не добил извинување.
„Сето ова ми е смешно, Реал Мадрид го контролираше целиот наратив, какви приказни излегуваа по медиумите. Лажеа дека сме добивале извинувања, еве јас ќе кажам дека мене Јабуселе не ми се јави да ми се извини, тоа покажува какви се тие како луѓе. Ќе останеме со кренати глави, фокусирани на АБА-лигата“, истакна Егзум.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА