Парондо и неговите тајни шпански тактики
На Шпанците очигледно им одговара климата во Скопј. Двојката Раул Гонзалес – Парондо го имаше тајниот рецепт за европската титула на Вардар пред две сезони, па сега Парондо продолжува со уникатниот стил на водење на екипата. Се соочи Парондо со сериозни проблеми по заминувањето на неколку клучни ракометари, но покажа дека тајните шпански тактики и натаму функционираат. Она што е карактеристично за шпанскиот ракомет е тимската игра, и сето тоа е пренесно во Вардар.
Дејан Милосављев – новата ѕвезда на Вардар
Факт е дека младиот српски голман Дејан Милосављев веднаш ги освои симпатиите на вардаровите навивачи но и на ракометна Европа. Не е Арпад Штербик но покажа дека може да биде клучен за добивање натпревар и кога Штербик го има од спротивната страна. 22-годишниот Србин покажа смиреност, стабилност, карактер кој можеби малкумина го очекуваа, но покажа дека е победник!
Тимската игра е препознатливост на црвено-црните бои
Заминувањето на Арпад Штербик, Лука Циндриќ, Мијајло Марсениќ, Илија Абутовиќ, Жоан Кањелас и Хорхе Македа сигурно остави трага во Вардар… Но сето тоа е повеќе од успешно надополнето со тимскиот дух кој веќе е препознатлив за црвено-црните бои. Тимската игра е клучното оружје на „вардарци“.
Бразилскиот џин Мораес
Дополнителен проблем за Парондо пред почетокот на сезоната беа повредите на Сергеј Горбок и Стојанче Стоилов. Но, за среќа на Парондо бразилскиот пивот Мораес извонредно се носи со отсуството на Стоилов па сам на свој грб го носи товарот на линијата на шест метри и во нападот и во одбраната.
Предвреме отпишани!
Огромна предност за Вардар е што очигледно е повеќе од сериозно потценет од страна на противниците оваа сезона во ЛШ. Сето тоа е повеќе од одлично за Парондо и момците затоа што може во „полежерна варијанта“ да дојдат до посакуваната цел. Можеби во тоа лежи и тајната на победите против европскиот шампион Монпелје и против Веспрем.
Игра без притисок
Апсолутно, играта без притисок е повеќе од сериозен плус во модерниот спорт. Никој од Вардар не очекуваше ваков старт на сезоната во ЛШ, па ниту навивачите нешто посериозно не и пристапија на новата сезона. Помал притисок за ракометарите, порелаксирана игра па на виделина доаѓа целокупниот квалитет. Сето тоа за победи и за предупредување до сите во Европа: Вардар повторно цели на највисоки дострели! Внимавајте, Вардар повторно маршира!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА