Фленсбург и Берлин се екипите кои ќе се сретнат во утрешното финале од ЕХФ Европската лига откако овие два тима без многу мака триумфираа во денешните полуфинални пресметки на фајналфор турнирот во Хамбург.
Фленсбург за противник го имаше Динамо Букурешт, а романскиот состав немаше никакви шанси за изненадување (38-32). Германскиот тим почна да доминира од самиот почеток, голманот Мелер бранеше извонредно, а Јакобсен стрелаше беспрекорно на спротивната страна, за убедливи 18-11 по првите 30 минути игра. Удобното водство беше задржано до самиот крај, а позитивата му овозможи на тренерот на Фленсбург и да одмори дел од клучните играчи за утрешното финале. Најефикасни во победничкиот тим беа Јакобсен со 11 гола без промашување и Хансен со шут 9/9, додека кај Динамо прв стрелец беше Акименко со седум погодоци.
Берлин барем на хартија требаше да има потешка задача во полуфиналето бидејќи против себе го имаше Рајн Некар Левен, но оваа пресметка мина во знакот на „лисиците“ од Берлин. Цврстата одбрана и извонредниот Милосављев на голот беа причината поради која РНЛ во првото полувреме постигна само девет гола (14-9), по што Берлин рутински доминираше до самиот крај и конечните 33-24.
Милосављев го заврши мечот со 13 успешни интервенции пред да му го препушти своето место на Лудвиг во финишот. Најефикасни во нападот беа Андерсон и Гидсел со по седум за победничкиот тим, исто толку кај РНЛ имаше Јури Кнор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА