ЕХФ ги избриша најдобрите македонски судии и ги обвини за манипулација

Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе радикална одлука да ги повлече македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски од машкото Европско првенство 2026, кое ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари во Данска, Шведска и Норвешка.

Оваа одлука доаѓа само неколку недели пред почетокот на турнирот и претставува тежок удар за македонското судење, кое во последните години важеше за едно од најквалитетните во светот. Парот Николов – Начевски беше номиниран меѓу 18 судиски двојки и се сметаше за сигурен кандидат за некои од клучните натпревари, вклучително и потенцијално полуфинале или финале.

Причината за оваа одлука е сомнеж за манипулирани видео-снимки од „Мултистејџ фитнес тест“. Според официјалното соопштение на ЕХФ, одлуката е донесена откако официјалниот фитнес-партнер „Fitgood Pro“ изрази сомнежи дека двете задолжителни видео-снимки од фитнес-тестот (доставени осум и четири недели пред првенството) не ја прикажуваат реалната слика. По дополнителна експертска анализа, материјалите биле проследени и до Sportradar – партнер на ЕХФ за прашања на интегритет и безбедност.

Резултатите од истрагата покажале висок степен на веројатност дека видеата биле манипулирани или на некој начин изменети за да изгледа дека тестот е поминат во целост и според стандардите. Со цел да се заштити кредибилитетот и интегритетот на шампионатот, ЕХФ по внатрешни консултации и во координација со организацискиот тим одлучил да го исклучи македонскиот пар од списокот на судии.

Се вчитува...