ЕХФ ја одби жалбата на Драган Начевски

Европската Ракометна Федерација ја заврши постапката против Драган Начевски откако денеска и официјално беше објавено дека е одбиена жалбата на Македонецот, по претходната пресуда против него.

За потсетување, ЕХФ почна постапка против Начевски по видео-снимка на данската ТВ2, на која се гледа како кинески бизнисмен му нуди мито на Македонецот, во тоа време член на натпреварувачката комисија на ЕХФ. На снимката се гледа и како Начевски ја одбива понудата, но процесот против Драган се однесува на непријавување на целата случка кај одговорните лица.

ЕХФ решава да го разреши Драган Начевски од функциите во куќата на ракометот, тој веднаш поднесе жалба на ваквата одлука, но Судот за Апелација на ЕХФ ја одби жалбата. Со тоа, останува на сила првостепената одлука за суспензија од две години од сите функции во ЕХФ од денот на донесување на одлуката, 12 април 2024 година.

Покрај тоа, Начевски ќе треба да плати и 5.000 евра како казна за прекршување на фундаменталните обврски наведени во регулативите на ЕХФ и Кодот на однесување на европската куќа на ракометот.

Во одлуката се наведува и дека Драган Начевски може да поднесе жалба до Европскиот Ракометен Суд за арбитража, во рок од 21 ден.

Се вчитува...