ЕХФ ја прошири Лигата на шампионите, но и во новиот формат Македонија не доби директно место!

Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација (ЕХФ) донесе одлука за проширување на Лигата на шампионите од сезоната 2026/27 на 24 екипи, но и во една таква ситуација Македонија нема да добие директно место во најквалитетното европско клупско натпреварување.

Македонија се наоѓа на 12 место, со пад за една позиција во споредба со минатото рангирање, на ЕХФ ранкингот, па македонскиот шампион повторно ќе мора да бара вајлд-карта за учество во Лигата на шампионите.

Како што информираа од ЕХФ, земјите што се рангирани од 1 до 10 место – Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка, имаат директно место во групната фаза, а плус овие земји ќе имаат право да бараат и по најмногу две вајлд-карти за своите екипи.

Федерации што немаат директно место во Лигата на шампионите, меѓу кои ќе биде и македонскиот шампион, ќе се „борат“ за останатите четири вајлд-карти.

Според новиот систем за натпревари, 24 екипи ќе бидат поделени во шест групи по четири екипи, од кои 12 ќе се пласираат во главната рунда, а останатите 12 продолжуваат во 1/16-финалето од Лигата на Европа. Ждрепката за групите ќе се одржи на 26 јуни во Виена.

Исто така, од сезоната 2026/27 во Лигата на Европа ќе играат 32 екипи поделени во осум групи по четири екипи, а таму Македонија има директно место во групната фаза.

Доколку македонскиот првак побара вајлд-карта за Лигата на шампионите и ја добие, тогаш директното место во групите од Лигата на Европа ќе го добие македонскиот вицешампион.

Се вчитува...