Две македонски екипи ќе бидат дел од ЕХФ Лигата на Европа, од кои Вардар ќе има директно учество во групната фаза, додека Алкалоид ќе мора да игра квалификации за да се најде во групите од второто по квалитет европско клупско натпреварување.
Вардар профитираше од промоцијата на Пелистер во групите од Лигата на Шампионите, по што „црвено-црните“ го презедоа местото на битолчани во групната фаза од Лигата на Европа.
Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот куп, амбициозниот клуб од Автокоманда се реши за чекор напред и апликација за Лигата на Европа. Обидите да се стигне до автоматски место во групната фаза не вродија со плод, па тимот предводен од Кире Лазаров ќе мора да игра квалификации.
ЕХФ засега не објавува листа на носители и неносители, па потенцијални ривали на Алкалоид во квалификациската рунда се екипите на: Хановер, Мадеира, Торелавега, Морс, Берн, Малме, Сесвете, Стјарнан, Чобри Глоков, Горење, Брага, Криенс, Карлскрона, Дуго Село, Сан Рафаел, Бидасоа, Чаковец, Скандерборг, Савехоф, Баја Маре, Елверум, Партизан и Карвина.
Ждрепката за квалификациите ќе се одржи на 15 јули, а три дена подоцна ќе биде ждрепката за групната фаза на ЕХФ Европската лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

