ЕХФ најава: Раул прави тим за иднина, Македонија е спој на младост и искуство

Македонската репрезентација е склоп на младост и искуство, која ќе има што да каже и покаже на претстојното Европско Првенство што за десетина дена ќе стартува во Хрватска. Ова е главната порака во анализата објавена на официјалната веб-страница на ЕП 2018, во која се посочени главните одлики на нашиот национален тим.

Еден од главните адути на Македонија сигурно е селекторот Раул Гонзалес, кој пред само шест месеци оствари историски успех со Вардар.

Гонзалес покажа дека е генијалец да постави одбрана, а неговото искуство сигурно ќе ги засили Македонците, особено кога станува збор за дисциплината и за тактичката поставеност. Тој се фокусира на градење на тим за иднината, а претстојното ЕП 2018 е отскочна даска во тој процес“ – се вели во анализата.

Во фазата на нападот повторно многу работи ќе зависат од Кире Лазаров. „Бомбардерот“ сезонава има помала минутажа на клупски план, што е причина досега да има постигнато скромни 25 гола во ЛШ, но јасно е дека кога станува збор за македонскиот национален тим, тука сите тактички варијанти во нападот се вртат околу него.

Почетокот на претстојниот континентален ракометен собир е се поблизу, а погледите наскоро целосно ќе се насочат кон Загреб, каде Македонија од 13 до 17 јануари ќе ги игра своите три средби од групата Ц, против Словенија, Црна Гора и Германија.

Се вчитува...