Ракометниот сојуз на Словенија во 15 часот ја носи дефинитивната одлука дали ќе го напушти Европското првенство во Хрватска, по скандалозните случувања на мечот со Германија, или нивната репрезентација денеска ќе го игра дуелот со Црна Гора.
Заминувањето на Словенците од ЕП би било за првпат во историјата на големите ракометни натпреварувања, што може да повлече сериозни санкции и за сојузот и за поединци, но и за комплетниот словенечки ракомет. Од ЕХФ веќе се најавуваат и казни за селекторот на Словенија, Веселин Вујовиќ поради неговите изречени навреди кон челниците на ЕХФ по мечот со Германија дека „ракометот го водат дебили“. Популарниот Вујо се соочува со двегодишна суспензија, но во свој стил црногорскиот стручњак веднаш одговара на тие шпекулации за казна…
„Да имаат ‘јајца’ и би ме казниле, но тие ги немаат… А, и да има казна не се плашам затоа што не би било првпат, и претходно сум бил сведок на нивните глупости во овие 25 години. Ова во очи му го кажав и на господинот Видерер (претседател на ЕХФ), кој лично побара да зборуваме на оваа тема подоцна… Но, нема за што да зборувам со него… Што сум направил јас за да добијам казна? Слушнав и што луѓето во салата зборуваа, и како јавноста ме означи, како борец или Чак Норис… Но, јас не сум ниту борец ниту Чак Норис. Сакам само еднаш и засекогаш да се почне борбата за чист и чесен ракомет. Некој мора да ја почне таа борба. Доста молчевме“ – вели Веселин Вујовиќ за словенечка ЕКИПА, дополнувајќи и околу се она што се случуваше на мечот со Германија.
„Не знам што се случува во главите на тие од ЕХФ. Но, знам дека овие правила кои тие ги наметнуваат во ракометот не постојат во ниту еден друг спорт… Нека овозможат снимките кои ги гледаат да бидат отворени и за сите присутни во салата и за сите гледачи. А, не тие двајца и делегатот застанале скриени зад параванот, шушкаат меѓу себе, уште има и слушалки на ушите преку кои добива диктат од некого од надвор и после носат одлука! Мора еднаш да ставиме крај на сето тоа“ – вели Вујовиќ.
Покрај казна за Вујовиќ и Ракометниот сојуз на Словенија, се најавува дека ЕХФ ќе изрече суспензија и за литванските судии кои заминуваат од Европското првенство, а ќе ја разгледа работата на Комисијата за делегирање судии при ЕХФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА