ЕХФ нема намера да го менува местото на најголемиот спектакл во клупскиот ракомет, па така денеска беше официјално потврдена одлуката фајналфор турнирот во машкото издание од Лигата на Шампиони да продолжи да се одржува во Келн до 2029 година.
Актуелниот договор со „Ланксес Арена“ истекуваше во 2026, но двете страни презадоволни од соработката се договорија за нејзино продолжување за дополнителни три години. „Ланксес Арената“ во Келн е место со златни букви испишано и во историјата на македонскиот спорт, ако се знае дека РК Вардар токму во оваа спортска сала ги освои двете титули во Лигата на Шампионите.
Келн токму викендов ќе биде домаќин на завршниот турнир од ракометната Лига на Шампионите, во првото полуфинале утре во 15 часот ќе се сретнат Алборг и Магдебург, а од 18 часот е закажан дуелот меѓу Барселона и Кил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА