Пик Сегед поради коронавирус не го одигра премиерниот меч од Лигата на Шампионите против ПСЖ, но унгарскиот вицепрвак ќе мора да излезе на терен со Киелце без оглед на фактот дека заболените ракометари се уште се наоѓаат во самоизолација. ЕХФ донесе одлука натпреварот во Полска меѓу Киелце и Пик Сегед да се одигра во првично утврдениот термин, среда во 18.45 часот.
„Иако сме сериозно ослабени поради неиграњето на шестмина ракометари, светот не запира. Мораме да играме. Во петокот излеговме од карантин, трениравме напорно во текот на викендот и подготвени сме за патувањето. Во едни вакви околности, се надеваме на тесен резултат во Полска бидејќи Киелце ќе настапи со својот најсилен тим“, објави унгарскиот клуб на официјалната веб-страница.
Пик Сегед не го објави идентитетот на шестмината заразени ракометари, но тројца од нив преку социјалните мрежи самите обелоденија дека се позитивни на Covid-19, словенечките репрезентативци Бомбач и Мачковшек и пивотот Банхиди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА