ЕХФ се корегираше – во корист на Македонија

Македонија го доби еден од најпосакуваните исходи на денешната ждрепка за баражот за СП 2027 откако нашите ракометари дознаа дека пречка на патот до нов мундијал ќе им биде подобриот од двомечот Украина – Словачка.

Притоа, ЕХФ направи сериозен превид при самото извлекување откако ги извлече двете селекции за ривали, но не беше извршена и дополнителна ждрепка за тоа кој ќе биде домаќин на првата, а кој на втората средба. Бидејќи Македонија беше извлечена прва по автоматизам улогата на домаќин на првиот меч ни беше доделена на нас, но за среќа ЕХФ во меѓувреме го увиди превидот и ја призна грешката.

Дополнително беше извршена нова ждрепка само за тоа кој ќе биде домаќин на првиот меч, при што беше решено – Македонија ќе го игра реваншот во Скопје.

„Сениорската машка репрезентација на Македонија ќе игра против победникот од дуелот Украина – Словачка во баражот за пласман на Светското првенство 2027 во Германија.Првиот натпревар Македонија ќе го одигра на гостински терен на 13/14 мај, додека реваншот е закажан на домашен терен на 16/17 мај.

Нашата репрезентација ќе брка пласман на своето 10-то Светско првенство“, објави Ракометната Федерација на Македонија.

Се вчитува...