Новиот првак на Мaкедонија во ракометната сезона 2022/23 ќе има автоматско место во Лигата на Шампионите за наредната сезона, објави денеска ЕХФ.
Европската куќа на ракометот денеска ја објави официјалната ранг-листа за учеството во европските купови за 2023/24, ранкинг на кој Македонија се наоѓа на осмото место пред се благодарение на втората европска круна освоена од страна на Вардар. Со оглед на фактот дека првите девет земји од листата имаат автоматски учесник во Лигата на Шампионите, се очекува мак-ракометот повторно да има свој претставник во елитното натпреварување.
Вардар со години наназад беше дел од ЛШ, но „црвено-црните“ на самиот старт од сезонава беа суспендирани од страна на ЕХФ поради неплатени долгови. Исходот беше неочекуван, па така вицешампионот Еурофарм Пелистер воошто не аплицираше за место во ЛШ, а мак-ракометот е без учесник во елитното клупско натпреварување.
Сепак, се очекува по една година пауза македонските тимови да се вратат на големата сцена, а останува да се види дали тоа ќе биде Вардар или Еурофарм Пелистер, големите ривали кои и сезонава ќе водат битка за шампионскиот трофеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА