ЕКИПА ги претставува кошаркарските прволигаши – Академија ФМП

Академија ФМП од дебито во Првата кошаркарска лига брзо ги освои сите вистински љубители на кошарката, но за жал бајката кратко траеше. Сега на составот од Кисела Вода му претстои тешка сезона во која останува надежта за стабилизација.

ПРЕДВИДЕН ФИНИШ ЗА СЕЗОНА 2021/22 – БОРБА ЗА СУПЕРЛИГА

Сезоната 2021/22 беше кобна по уште еден клуб во мак-баскетот. Академија ФМП од дебито во „елитата“ пред три години растеше и се надградуваше, во кус период успеа да се наметне како едно од најпријатните изненадувања славејќи против МЗТ Скопје, Работнички, Пелистер, ТФТ, Гостивар…, притоа настапувајќи и во БИБЛ лигата, но пријатното изненадување заврши во македонска кошаркарска класика.

Под водство на Александар Петровиќ „академциите“ две години по ред забележуваа настап во полуфиналето од Купот, регуларниот дел од претходната сезона го завршија на третото место на табелата веднаш зад аба-лигашите со реални шанси за место во плеј-офот и пред почетокот на Суперлигата се додека не се појавија проблеми со обврската за реформација во Акционерско друштво (А.Д).

Поради истата наместо во Суперлигата тимот заврши во плеј-аутот, а истиот проблем можеше да го одземе и прволигашкиот статус.


ПРЕДВИДЕН ФИНИШ: Борба за опстанок

Клубот успеа да ја направи неопходната процедура за регистрација како Акционерско друштво и доби најмалку уште една сезона во„елитата“ на македонската кошарка, но за да остане во неа и по сезоната 2022/23 добро ќе треба да се „испоти“ на теренот.

Академија ФМП нема да има звучни имиња во својот состав, а оние кои ќе добијат шанса ќе мораат да го остават „срцето на терен“, да одиграат тимски, да слават во битките со останатите тимови кои ќе се борат за прволигашкиот статус, но и да се обидат да изненадат некој од фаворизираните екипи за кош разликата да не биде таа која ќе одлучува.

Промени во составот:

Заминаа: Недељко Кошанин, Филип Бакоч, Оливер Двојаковски, Леонид Тодоровски, Филип Стојановски, Дамјан Миса

Пристигнаа: Зек Овенс, Чендлер Џонс, Предраг Пајиќ, Габриел Коскоски, Џозеф Кортесио

Останаа: Андреј Настовски, Никола Груевски, Никола Масевски

Академија ФМП во новата сезона влегува со целосно нов состав кој допрва треба да се воигра. Големо значење за задржување на местото во првенството ќе биде придонесот кој го даваат странските засислувања кои потпомогнати од Настовски, Пајиќ и Костоски ќе мораат да водат тешки битки за опстанок.

„Академиците“ стартуваат против Кожув и тој еден од важните натпревари за составот од Кисела Вода во директен противник од долниот дел на табелата. Потоа следи фаза за воигрување за клучниот дел од сезоната и серија на натпревари кои ќе имаат важно значење за иднината на клубот.

Се вчитува...