Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
==========================================================================================================================
Еден од најдобрите одбојкари на Македонија, Александар Љафтов, екслузивно за ЕКИПА.МК откри како е да се биде дел од италијанскиот шампионат. Тој стана првиот Македонец кој заигра во најсилната одбојкарска лига во светот, а со самото тоа вели дека го исполни сонот од детството.
Љафтов говореше и за сите премрежја кои ги имаше оваа генерација на македонската одбојка и сите успеси со кои испиша историја во нашиот спорт. Вели дека поразот од Данска во Европската лига е најтежок во неговата кариера, но и дека се надева на добар настап на Европското првенство на кое следната година сме домаќини.
Љафтов вели дека има понуди од неколку клубови во Европа и светот, но дека треба време да размисли каде ќе ја продолжи кариерата следната сезона. На крај вели дека сон му е да ја освои европската лига до крајот на кариерата чисто да покажат дека не се вечно „втори“.
==========================================================================================================================
КОШАРКАРСКИ СОН Е ДА ИГРАШ ВО НБА, ОДБОЈКАРСКИ Е ДА ИГРАШ ВО ИТАЛИЈА!
Годинава заигра во најсилната одбојкарска лига во светот, италијанската. Дали ова беше исполнување на твојот сон?
Како на секој кошаркар што му е сон да заигра во НБА, така е за нас одбојкарите да заиграме во италијанската лига. Големо искуство за мене и откако заврши сето тоа размислувам сам и си викам ќе беше многу подобро ова искуство да го имав пред шест или седум години, бидејќи правецот во кој ќе ми одеше кариерата ќе беше многу поразличен. Сепак, тоа е што е. Ние во тој период се мачевме со европската лига. Не бевме доволно промовирани. Искуството да се игра во една таква лига е големо иако играв во најслабиот клуб во Италија. Чест и задоволство ми беше да играм во најсилната лига во светот. Иако завршивме последни јас се вратив како да сум освоил медал во Италија. Друга култура е во Италија. Различно е од тука и различно го сакаат спортот. Нешто слично почувствував со репрезентација кога игравме во Полска. Едноставно овие две земји живеат за одбојката. Мислам дека нема одбојкар што не сака да игра во Италија.
Кои се натпреварите кои вечно ќе ги паметиш и со кои играчи ти се исполни сонот што заигра против нив?
Против Лубе и Перуџа едноставно уште кога го видов календарот со нетрпение очекував да играме против нив. Овие два клуба играа и финале во италијанското првенство. Игравме и пријателски против Перуџа, но тогаш неа ба комплетни. Потоа во првенството беше навистина нешто посебно. Против сите големи играчи ми беше кејф кога играв, но посебен впечаток ми остави Бруно Резенде. Неверојатен играч кој има се освоено во кариерата, но и на натпревар против нас кои сме последни играше како да е финале на олимписки игри. Буквално влегува со респект за секој противник и без потценување. За играчки способности, Леон оди на сервис кога сака прави ас, сервира со 130 километри на час, едноставно тоа вроден тален и колку и да тренираш тоа не се учи.
ВО СПОРТОТ МОРА ДА СИ КОНСТАНТЕН!
Која е тајната на оваа генерација која испишува историја во македонската одбојка?
Во спортот треба да си константен. Не може да собереш дванаесет одбојкари или неважно дванаесет кошаркари и да си најдобар. Мора да се работи. Треба упорност, истрајност и работа. Ние до тоа се што стигнавме ни донесе европската лига. Второ место, трето место. Игравме против Словенија која играше три финалиња по ред на Европско првенство. Сето ова е огледало на тоа што се пласиравме на две европски првенства, а сега ќе играме и на трето во низа бидејќи сме домаќини. Сето тоа е круна на макотрпната работа на сите нас што сме од почетокот на овие успеси. Тие сме 20 одбојкари за жал.
СМЕТАМ ДЕКА МАТИЈАШЕВИЌ ТРЕБАШЕ ДА НЕ ВОДИ И НА ВТОРОТО ЕП!
Игравме на две Европски првенства. Како си лично задоволен од настапите?
Првото европско помина одлично и малку ни недостигаше среќа за да се пласираме во нокаут фазата. Направивме добра работа на тој шампионат, на крај Турција што изгуби од Финска не оддели од осминафинале. Криво ми е што загубивме и од Финска во првиот меч. Криво ми е за тие порази, но тоа е што е. Со Финска ни беше прв натпревар уште не знаеш што како, а на крајот излезе дека е најважна и дека поради таа не се пласиравме понатаму. Сепак, можам да кажам дека бевме горди и среќни. Ја победивме Турција тука и се пласиравме повторно на Европско. Поразот од Данска во Европската лига во Струмица не влијаеше на нашиот слаб настап на континенталниот шампионат, туку влијаеше промената на селекторот Матијашевиќ. Сметам дека и покрај односот што го имал во федерација, кој искрено не ме ни интересира каков бил, требаше да остане на чело на репрезентацијата и да го завршиме со него циклусот до Европското првенство. Некако падна се што градевме. Имаше мотивација и се, но нешто ни недостигаше. Немавме ниту пријателски квалитетни, отидовме недоволно подготвени.
ОЧЕКУВАМ ПЛАСМАН ВО ВТОРА ФАЗА НА ЕП ВО МАКЕДОНИЈА!
На следното ЕП сме домаќини. Твои очекувања од шампионатот?
Се надеваме дека следната година кога ќе бидем коорганизатори ќе бидеме подобри организирани. Какви бевме во последните три години се е многу подобро. Ќе бидеме дома, со помош од публиката се надевам дека ќе може да направиме успех и зошто да не се пласираме и меѓу шеснаесетте најдобри во Европа. Имаме добри услови и се надевам дека ќе се прикажеме во најдобро светло и ќе направиме нов историски успех за македонската одбојка. Има многу време до шампионатот, не знаеме се уште ни кои ќе ни бидат противници. Сепак, со малку среќа, добра подготовка и да одбегнеме повреди сметам дека можеме до втора фаза.
ПОСЛЕ ТЕЖОК ПОРАЗ, НЕМА МУАБЕТ ВО СОБЛЕКУВАЛНА!
Неколку пати губевме во финалето на Европската лига. Кој е проблемот поради кој секогаш се сопнуваме на последниот чекор?
Очекуваме ново финале во Европската лига. За таму психички ни влијаат поразите што ги имавме сите овие години. Едно финале не можеме да добиеме и мислам дека тука психолошки паѓаме кога ќе дојде последниот натпревар. Пет/шест финалиња игравме и ниту едно не победивме. Со Данска лани во европската лига дефинитивно ми е најтешкиот пораз во кариерата. Во групите ги победивме лесно во Данска и мислевме дека и тука ќе биде така. Да изгубевме таму можеби подруго ќе гледавме на мечот. Идеално игравме во Данска. За жал не успеавме. Многу ми е тешко за тој пораз. Сум испаѓал од лиги, сум освојувал првенства, но овој пораз нема никогаш да го заборавам. По поразот едноставно седевме во соблекувална и никој со никого не направи муабет за ништо. Ни беше навистина тешко. Многу болеше поразот, мене искрено ми беше многу тешко. Колку и да не е некое големо натпреварување европската лига, сакам да ја освојам барем еднаш до крајот на кариерата, чисто да докажеме дека сме победници.
Каде ќе настапува Љафтов следната сезона. Имаш ли понуди и од кои тимови?
Имам понуди за следната сезона, но засега ништо не е сериозно. Имам некои понуди и за враќање во Бугарија, но чекам одговор од нив. По арапскиот свет се повеќе клубови се формираат со добри услови и добра заработка. Таму нема професионалност како во Италија, но знаете спортската кариера не трае долго, а мора да размислуваме и за фамилијата и за иднината. Сепак, ќе видам летово ќе разгледам понуди и на крајот се разбира ќе ја одберам таа што ќе биде најдобра за мене. Прво да помине периодот со репрезентација, па потоа ќе одлучам каде ќе преминам следната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА