ЕКИПА ИНТЕРВЈУ – АНАМАРИЈА ГЕОРГИЕВСКА: На сите ни е цел да го повториме успехот на Дејан… Тој за мене секогаш ќе биде мојот „бато Деки“

Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.

========================================================================================================================== 

Најдобрата македонска таеквондистка, Анамарија Георгиевска отворено за ЕКИПА.МК говореше за нејзината досегашна кариера, но и очекувањата за иднината. Таа во 2018 освои медал на младинското светско првенство, а беше избрана и за најдобра млада спортистка на Македонија. 

Георгиевска говореше и за Младинските игри во Буенос Аирес на кои на крајот не успеа да настапи, велејќи дека тоа е една неубава приказна во животот која сака што побрзо да ја заборави. 

Прво нешто што му кажала на Дејан по освојувањето на олимпискиот медал е дека многу го сака, а во интервјуто неколку пати кажа дека тој за неа секогаш ќе биде нејзиниот „бато Деки“. Георгиевска вели дека нејзина цел е учество на ЛОИ во Париз 2024 и зошто да не и освојување на медал. 

==========================================================================================================================

ПРВО НЕШТО ШТО МУ КАЖАВ НА ДЕЈАН ПО ОСВОЈУВАЊЕТО НА МЕДАЛОТ БЕШЕ „ТЕ САКАМ“!

Што се случуваше дома кај вас кога Дејан освои медал во Токио и што беше првото нешто што му го кажа кога се слушнавте по завршувањето на борбите?

Многу плачев додека траеја борбите на брат ми во Токио. Не знам дали од среќа или од нешто друго, но сите дома се радувавме многу. Мајка ни е најосетлива и во право е Дејан кога кажува дека таа најмногу се израдува на неговата победа. Првите три борби ги гледавме дома кај нас, јас уште претходниот ден имав повикано другарки да спијат кај мене. Кога веќе влезе во финалето организиравме заеднички гледање во училиштетот „Климент Охридски“ каде што тренираме. Бев пресреќна кога брат ми зема медал. Оттогаш и јас како и сите во клубот вежбаме многу понапорно и повеќе и сакаме да успееме да го повториме неговиот успех. Сакам да бидам како него и да освојам медал на Летните олимписки игри. Интересно е тоа што кога освои медал и кога се слушнавме првото нешто што му го кажав е дека многу го сакам. Тој се зачуди бидејќи никогаш му го немам тоа кажано. Ми викаше „добро бе Анамарија требаше да освојам медал на Олимписки игри за конечно во животот да ми кажеш дека ме сакаш“. Навистина премногу сум горда на него.

Кои се турнирите кои те очеквуаат до крајот на годината, но и во 2022 година?

До крајот на годината ме очекува Г1 турнир во Босна и Херцеговина каде очекувам да освојам медал. Исто така до крајот на 2021 година имам турнир и во Австрија кој е од истата категорија каде исто се надевам на што подобар пласман и освојување на што повеќе бодови за Летните олимписки игри во Париз. Короната направи големи проблеми и во нашиот спорт и доведе до многу откажувања и се и затоа календарот знае да претрпи многу промени. 2022 година ќе биде многу важна за мене бидејќи ме очекува и Светско и Европско првенство. Прво ќе одиме на Светско првенство во Кина, а потоа имам настап и на Европско првенство. Цел ми е да направам што подобар успех и да стигнам што подалеку на овие првенства. Не сакам да звучам нескромно, но цел ми е освојување на медал. За да бидеш успешен секогаш треба да поставуваш најголеми цели и затоа на секој турнир одам со иста мисла, да стигнам колку можам подалеку. Искрено мене секогаш ми е многу важна првата борба, доколку таа ја одработам добро во продолжение имам многу поголема самодоверба, психолошката пречка се губи и продолжувам да работам многу подобро во следните борби. 

Кој е патот за обезбедување на норма за Летните олимписки игри во Париз 2024 година? 

Првиот критериум за обезбедување на норма за ЛОИ во Париз е да бидеш во топ 6 во својата категорија. Најмногу поени носат Светските првенства во тоа рангирање, а потоа следува Европското како и Г1 турнирите. Периодов цел е на сите овие турнири да освојувам колку е можно повеќе поени, но најважно е добро да се претставам на Светското првенство. Доколку не обезбедам пласман меѓу шесте во мојата категорија, шанса за пласман во Париз ќе биде квалификацискиот турнир, нешто преку што и мојот брат успеа да стигне во Токио.

ГОЛЕМ ПОТТИК ЗА МЕНЕ Е ТОА ШТО БЕВ НАЈДОБРА МЛАДА СПОРТИСТКА НА МАКЕДОНИЈА!

Во 2018 година освои медал на младинското светско првенство во таеквондо, а подоцна беше избрана и за најдобра млада спортистка на Македонија. Што значат овие признанија за тебе? 

Тоа беше прв медал за мене на едно големо натпреварување како што е Светско првенство. Уште тогаш си дадов цел ако сум успеала во младинска категорија да освојам медал, морам истото да го повторам и во сениорска. Тој медал и подоцна тоа што бев избрана за најдобра млада спортистка на Македонија во тоа време можеби и не ги сфаќав толку озбилно, но од денешна гледна точка кога ќе размислам сфаќам дека сум направила голем успех. Јас сум првата македонска натпреварувачка во таеквондо која освоила медал на младинско Светско првенство и сум навистина многу горда на тоа. Се надевам дека ќе бидам и првата која ќе донесе медал од светско, а зошто да не сум и првата спортиска на Македонија која ќе освои медал на едни Олимписки игри.

МЛАДИНСКИТЕ ИГРИ ВО БУЕНОС АИРЕС СЕ ЕДНА НЕУБАВА ПРИКАЗНА КОЈА САКАМ ДА ЈА ЗАБОРАВАМ…

По големиот успех, стигнаа и првите проблеми во кариерата кога не успеа да настапиш на Младинските игри во Буенос Аирес. Можеш ли да ја споделиш твојата верзија на настанот и се што се случуваше во Аргентина? 

Тоа е една неубава приказна од мојот живот. По освојувањето на светскиот медал и големиот број пофалби и честитки кои ги добив дојдоа тие младински игри во Буенос Аирес. Требаше да ослабам осум килограми пред турнирот и едноставно не успеав. Плачев буквално секој ден. Времето кога бев таму тренирав по цел ден и секој ден бев само на половина портокал. Искрено тогаш не ми беше ни до јадење ни до ништо. Навистина луѓето не знаат, но јас дадов се што можам да успеам да ги намалам килограмите. Многу тешко ми падна целата ситуација и тоа што бев нападната. Тренерот ме тешеше и ми рече дека за него по се што дадов е исто како да сум освоила медал. Наеднаш пораснав повеќе и многу беше тешко со мојата висина да успеам да намалам толку килограми. Не сакам многу да мислам на тој Буенос Аирес и гледам да го заборавам.

СИТЕ ШТО СЕ ЗАНИМАВАМЕ СО ТАЕКВОНДО ВО МАКЕДОНИЈА СМЕ ЕДНА ГОЛЕМА ФАМИЛИЈА

Која е тајната на македонските таеквондисти, бидејќи за разлика од другите спортови кај вас има неверојатна сплотеност? 

Ние во таеквондото сме една голема фамилија. Заедно правиме тренинзи без разлика кој од кој клуб е и си помагаме едни со други. Се дружиме, вежбаме заедно и си помагаме. Нема некоја посебна тајна во нашето функционирање. Едноставно сите сме заедно едни за други и тоа ќе остане така. Бидејќи во мојот клуб сме само три девојки, од кои јас сум најстара поголемиот дел од времето тренирам со машките, меѓу кои е и мојот брат. Тренерот наш не дозволува воопшто да ме штедат на тренинзи и многу често примам силни удари од нив. Тоа е одлично за мене бидејќи кога тренирам со нив, автоматски и јас станувам подобра. Доколку можам на нив да им се спротиставам многу полесно ќе ми биде кога ќе излезам на татамите на турнир против ривалите во мојата категорија. Многу сум благодарна на мојот тренер Борче Костовски кој е најголемиот виновник за моите успеси.

Како почна Анамарија со таеквондо и кој е твојот идол? 

Како дете моите браќа прво се запишаа на таеквондо па се одлучив и јас да пробам. Отидов на неколку тренинга ми се допадна и така решив да тренирам таеквондо. Британката Џејд Џонс е една од таеквондистките кои ми се пример во животот. Два пати беше олимписки шампион. Обожавам да ги гледам нејзините борби бидејќи навистина е неверојанта. Навистина бев многу изненадена кога не успеа да направи ништо на последните игри во Токио, но тоа е уште еден доказ дека во таеквондото има премногу квалитетни натпреварувачи и доколку во некоја борба влезеш помалку сконцентриран или едноставно таков ти е денот, многу лесно можеш и да си голем фаворит да испаднеш уште на самиот старт. 

Има ли интересни ситуација кога се шеташ со Дејан, откако тој го освои медалот? 

Има многу интересни ситуации откако го освои медалот и навистина сум премногу горда на него. Една од случките кои можам да ги издвојам е кога одевме со брат ми Дејан на тренинг, мали деца излегоа пред нас и целите пресреќни почнаа да викаат еве го чичко Деки, еве го чичко Деки. И тука имаше мала дружба со нив, фотографирање. Краток период го викавме на шала чичко Деки, иако јас си го викам бато Деки и секогаш за мене тој ќе биде мојот постар брат. Уште еднаш морам да повторам премногу сум горда на него.

Се вчитува...